Претходна статија
Отворен хотелот „Гранд Плаза“ во Скопје
Следна статија
Долгонајавуваниот трамвај во Скопје ќе започне да се реализира догодина

„Зелената Арка“ работи на проектот „Едукативен истражувачки центар за пермакултура и одржлив развој“ во с.Серменин

Објавено на 17.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со активна помош на волонтерите од здружението „Зелената Арка“ и донации од страна на граѓаните кои се залагаат за здрава животна средина, Македонија е на пат да го добие првиот објект во кој ќе се одвиваат настани насочени кон обучување, тренинзи и промовирање на вредности според начелата на пермакултурата. Едукативниот истражувачки центар за пермакултура и одржлив развој е предвидено да биде лоциран во поранешниот училишен објект во селото Серменин, Гевгелиско. Во моментов посветено се работи на првата фаза од проектот, која предвидува реконструкција на девастираната зграда од 30-тите години на 20 век. Во идните месеци е зацртано да се заокружи оваа етапа, со цел да се создадат услови за понатамошна успешна работа на центарот.

 


* актуелната состојба на објектот, извор: zelenataarka.mk

 

Интересната замисла засега е поддржана од општина Гевгелија, која го отстапи стариот објект на користење на невладиното здружение во претстојните 20 години. Најважниот чин што треба да се оствари пред започнувањето на зимскиот период е изведбата на иновативен зелен покрив на објектот, редок градителски потфат во земјава за кој се потребни финансиски средства и стручна работа. Поаѓајќи од надежта дека постојат еколошки свесни граѓани во Македонија, „Зелената Арка“ ја започна кампањата за собирање средства преку интернет порталот Indiegogo.

 


* дел од проектната документација за претстојниот зафат, извор: zelenataarka.mk

 

За замена на дотраениот покрив на зградата е потребно да се вложат околу 17.650 евра за набавка на потребните градежни материјали. Зелениот покрив ќе се простира на површина од 225 метри квадратни, а неговото завршување значително ќе ги олесни натамошните активности за успешно остварување на проектот. Едукативно – истражувачкиот центар во селото Серменин е планирано да ги анимира граѓаните од околната средина за самоодржливоста во рамки на здравата животна средина, а од „Зелената Арка“ во објектот имаат намера да организираат многубројни домашни и меѓународни манифестации од еколошки, социјален, културен и економски карактер.

 


* адекватен пример за објект со зелен покрив