Седум болнички крила од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје се комплетно реконструирани, а во некогашната Воена болница се поставија и пет нови лифтови, три товарни и два патнички. Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посетија оваа здравствена установа, каде на лице место се запознаа со реализираната инвестиција во вредност од 62,2 милиони денари. Во санираните болнички крила се изведени нови санитарни јазли, подови и тавани, осветлување, шкафчиња во собите, како и инсталации за противпожарна дојава и повик на медицинска сестра. Со зафатот беа опфатени болнички простории со површина од околу 4.800 метри квадратни.
На оваа инвестиција и претходеше набавка на неопходната медицинска опрема за оваа установа. Во ноември 2012 година се пушти во употреба новоизградениот Центар за хемодијализа. Во наредните месеци треба да се доврши уште еден помал градежен зафат во објектот, а следна клучна инвестиција ќе биде санацијата на фасадата.