Општина Битола го оствари првиот чекор од реализација на идејата за добивање современ пазар со решен проблем за паркирање, пристапен пат, тоалети и останата неопходна инфраструктура. Заврши почетната фаза од реконструкцијата на пазарот во градот, со која беа санирани 1.000 метри квадратни од централниот дел на пазарот и беа поставени 90 нови тезги, покрив и осветлување на просторот. Инвестицијата во оваа етапа изнесуваше 13 милиони денари, финансиски средства обезбедени од локалниот буџет и од јавното претпријатие „Пазари“. Од локалната самоуправа велат дека со проектот значително се подобриле условите за работа на продавачите и за купување на граѓаните.
Во натамошниот период треба да следува остварувањето и на следните две фази, со што целосно би се комплетирала најавената реконструкција на овој простор во центарот на Битола. Модернизираниот пазар треба да го добие новиот изглед во наредните две години. Проектот започна да се изведува на крајот од септември годинава.