Претходна статија
Манастирот Трескавец од денеска поврзан со асфалтен пат
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Проработеа фонтаните на плоштадот „Пресвета Богородица“

Заврши изработката на проектот за реконструкција на конаците во манастирот во Трескавец

Објавено на 28.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

извор: Влада на РММинистерството за култура го заврши основниот проект за реконструкција на конаците во манастирот Трескавец, кои беа уништени во големиот пожар што се случи во февруари годинава. Проектот е изработен од стручните служби при НУ Завод и музеј Прилеп, а финансиските средства во износ од 500.000 денари се обезбедени од буџетот на министерството. Основната идеја со претстојниот зафат е да се врати автентичниот изглед на конаците и да се изгради параклис на југоисточната страна на манастирот. За целосна реализација на проектот ќе бидат потребни околу 1,3 милиони евра.

 

Во реконструкцијата на конаците ќе бидат употребени современи градежни материјали отпорни на пожар, а предвидено е и поставување на армирано бетонска конструкција како и секторско одвојување на конаците. Документацијата веќе е доставена до Управата за заштита на културното наследство, каде во тек е постапката за добивање конзерваторско одобрение за идната реконструкција. По добивањето на решението, ќе биде распишан тендерот за реализација на проектот.

 

Од надлежното министерство денеска соопштуваат и дека е завршена конзервацијата на покривната конструкција на манастирот „Пресвета Богородица Милостива“ во село Велјуса, Струмичко. Со зафатот беа опфатени конзерваторски интервенции и обнова на покривната конструкција на објектот, со кој се зачува изворниот изглед на манастирот изграден во XI век. Финансиските средства за овој проект беа обезбедени од Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура. Двата манастира во прилепскиот и струмичкиот регион претставуваат едни од најзначајните културно – историски споменици во Македонија.