Претходна статија
Започнува втората фаза од реконструкцијата на водоводот во Ресен
Следна статија
Пролетва ќе стартува изградбата на новиот експресен пат кон Бугарија

Заштитата на црквата во Курбиново како предмет на политички препукувања

Објавено на 06.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по пат на соопштенија се препукуваат за тоа кој е виновен за лошата состојба во која се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека постојната власт не успеала да го задржи темпото на константна работа и инвестирање во овој проект, прогласувајќи го за лажно тврдењето дека ова културно наследство со години било оставено во руинирана состојба. Тие велат дека во периодот од 2013 до 2016 година се инвестирани над 6 милиони денари за конзервација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново.

 

*Извор на фотографија: Министерство за култура

 

„Проектот за заштита се одвиваше во повеќе фази, при што во првата фаза беше извршена анализа за статичка стабилност на објектот и беше поставен времен покрив над објектот за да може непречено да се одвиваат конзерваторските работи, дополнително направени се голем број на истражувања, но е извршена и превентивна заштита на фрескоживописот“ соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија СДСМ реагираат дека претходната влада ја оставила црквата во Курбиново со активни пукнатини на ѕидовите поради лизгањето на теренот по проблематичните археолошки истражувања, со руиниран и дотраен покрив и со фрески на кои има забележливи знаци на избледнување.

 

Од СДСМ соопштуваат дека актуелната влада ќе го сопре пропаѓањето на црквата „Св. Ѓорѓи“. Од Министерството за култура викендов информираа дека со годинешниов буџет се обезбедени 2,5 милиони денари за ова репрезентативно здание. За неговата заштита и реставрација би се обезбедиле средства и до 15 милиони денари, доколку реализацијата на проектот тече со посакувана динамика. Министерот Роберт Алаѓозовски информираше дека годинава ќе се изработи основен проект за архитектурата во завршна фаза и ќе следи неговото административно одобрување.

 

Непосредната заштита на црквата во текот на 2018 година ќе вклучува демонтажа на покривот и конструктивно зајакнување на објектот, конзервација на ѕидните платна и демонтажа на времениот покрив. Посебна комисија од Националниот конзерваторски центар – Скопје веќе извршила ревизија на активностите за реставрација што се спровеле претходно во Курбиново. Како резултат на досегашните парцијални решенија за заштита на ова културно наследство, решено е во иднина да се вклучат врвни меѓународни експерти при нејзината натамошна заштита и реставрација.

 

Меѓународниот тим би изработил програма за истражувачки работи, проект за конзервација на живописот и проект за презентација на живописот во црквата и на нејзината фасада. Во претстојниот зафат ќе биде ангажиран и климатолог за контролирање на влагата и температурата во црквата. „Последна фаза на процесот ќе бидат археолошките истражувања и партерното уредување, што ќе се реализира по завршувањето на конзерваторско – реставраторските работи на архитектурата и фрескоживописот, најдоцна до крајот на 2019 година“ соопштуваат од Министерството за култура.