Започнаа градежните работи за реконструкција и надградба на булеварот „Србија“ на потегот од кружниот тек кај цементарницата „Усје“ до улицата Христо Татарчев (поранешна Сава Ковачевиќ) во Кисела Вода. Покрај проширување на постоечката делница, проектот опфаќа и пробивање на нов сегмент во должина од околу 150 метри, со кој булеварот ќе биде целосно комплетиран онака како што е вцртан во урбанистичките планови. На крајот од предвидената траса ќе се изведе кружен тек, на кој покрај булеварот „Србија“ и улицата „Христо Татарчев“, ќе биде поврзана и улицата „Христо Татарчев крак 2“.
Сообраќајницата на овој дел ќе добие четири коловозни ленти со ширина од по 3,5 метри, без средишно зеленило. На десната страна од коловозот е планирана пешачко – велосипедска патека со ширина од 3 метри и странично зеленило со ширина од 1,5 метри, додека од левата страна е зацртана пешачка и велосипедска патека со променлива ширина.
Долж трасата ќе се реконструираат водоводната и фекалната канализација, а ќе се изведе и ново улично осветлување, со 87 столбови и 102 светилки. Вкупната цена на инфраструктурниот зафат изнесува 98 милиони денари (1,6 милиони евра). Рокот за реализација на проектот е 20 месеци, а изведувач е фирмата „Бауер БГ“ од Скопје.