Со финансиска помош од Швајцарија ќе се спречи континуираната опасност од поплави во струмичкиот регион. Со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка, започна санацијата на критичните точки на коритото на реката Струмица. Проектот е изработен од Програмата за развој на Обединетите нации и истиот е поддржан од Швајцарија со финансиски средства од 3.000.000 швајцарски франци. Претстојните градежни активности ќе се реализираат на територијата на шест општини низ кои минува реката Струмица. Санирањето на коритото на оваа река ќе овозможи заштита од поплави, но и од суши во текот на летните месеци.
Со зафатот ќе се исчистат приоритетните делници на речните корита и каналската мрежа, но истовремено ќе се рехабилитираат оштетените насипи на реката Струмица. Покрај оваа фаза од проектот, во идниот период треба да се најдат решенија за отпадните води од сливното подрачје на оваа река, но и да се спроведе принципот за интегрирано управување со ризикот од поплави во општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово.