Градот Скопје денеска ги започна активностите за реконструкција на улицата „Втора македонска бригада“. На свеченоста присуствуваа скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски и претседателот на Советот на општина Чаир Заир Бектеши. Станува збор за санација на сегмент во должина 1.181 метар, на потегот од крстосницата со улица „Христијан Тодоровски Карпош“ до кружниот тек на улицата „Лазо Трповски“. Со проектот е предвидено да се санира коловозот на улицата, заедно со пешачките и велосипедските патеки.
„Со реализацијата на овој проект значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста при движењето за жителите на општините Чаир и Бутел. Покрај градежните работи, ЈП „Паркови и зеленило“ ќе го обнови зеленилото по должината на оваа сообраќајница“ изјави градоначалникот Коце Трајановски. Санацијата на коловозот на улицата „Втора македонска бригада“ ќе ја врши фирмата „Пелагонија“ од Гостивар, додека реконструкцијата на пешачките и велосипедските патеки ќе ја изведува ЈП „Улици и патишта“. Градот Скопје за овој градежен зафат ќе одвои 10,6 милиони денари. Градежните работи се очекува да завршат за 180 дена.