Локалната самоуправа од Прилеп предвидува реконструкција на сите 10 мостови во градот, изградба на два пешачки моста и изведба на кружен тек на мостот „Табаана“. На денешниот почеток на градежните активности на мостот кај автобуската станица, беше најавено дека со новиот проект на општината сите мостови ќе добијат современ изглед, при што секој мост ќе биде различно уреден. Реконструкцијата на првиот мост е планирано да се одвива во наредните две недели, по што постепено ќе се продолжи и со обнова на останатите инфраструктурни објекти од овој вид. Секој од нив ќе добие нова ограда и пешачка патека. Покрај реконструктивните зафати, општинските власти за наредниот период најавуваат и изградба на два нови пешачки моста.
Општина Прилеп пред неколку недели најави остварување на уште еден проект во претстојниот период. За прв пат во Македонија, во градот под Марковите Кули ќе се изгради и кружен тек над река. Проектот е планирано да се изведе на локацијата на постоечкиот мост „Табаана“, а со неговата реализација се очекува да се реши сообраќајниот метеж во тој дел од градот. Конкретни рокови за остварување на овие проекти засега не се најавени, но зацртано е тие да се остварат со финансиски средства од локалниот буџет.