Со средства од ИПА фондовите за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција и финансиско учество на македонската влада, на граничниот премин „Богородица“ денеска започнаа градежните работи за реконструкција на главната управна зграда и придружните објекти од најфреквентниот премин меѓу двете земји. Преку реализацијата на проектот треба да се олесни движењето долж Коридорот 10, но и да се придонесе во развојот на прекуграничниот промет, скратување на царинските постапки, подобрување на условите за работа на вработените и за престој на граѓаните што чекаат на влез и излез од нашата земја. Остварувањето на проектот ќе претставува дополнение на воведувањето на Новиот компјутеризиран транзитен систем на ЕУ во Република Македонија, кој ќе почне да се применува од 1 март 2014 година.
Изведбата на градежните работи на овој премин претставува дел од проектот „Развој на гранична инфраструктура помеѓу Република Грција и Република Македонија – BORDER IN“.