Министерството за транспорт и врски продолжува со проектот за реконструкција на 10 железнички станици низ земјава. Деновиве стартуваше санацијата на железничката станица во Битола, а во претстојниот период ќе се обноват и објектите во Гевгелија, Богомила и во Чашка. Создадени се сите предуслови за непречено одвивање на зафатот, така што градежните работи треба да се комплетираат во наредните неколку месеци. Со проектот вреден 5 милиони евра досега се санираа железничките станици во Велес, Градско, Прилеп, Неготино, Демир Капија, Табановце и во Скопје. Финансиските средства беа обезбедени од Европската комисија и од европските ИПА фондови.
Железничките станици во Битола, Гевгелија, Богомила и во Чашка целосно ќе се санираат и модернизираат. Планирано е реновирање на билетарите, чекалните, санитарните јазли, кровната конструкција и фасадите на објектите. Градежните активности вклучуваат промена на водоводната и електричната инсталација, а инсталирани ќе бидат нови системи за греење и ладење, системи за сигнализација и информирање на патниците, како и системи за подобрување на пристапноста за лицата со намалена подвижност.