Турскиот холдинг „Џеваир“ ја стартуваше изградбата на третиот станбен облакодер, кој ќе биде лоциран до првично започнатите две кули од комплексот „Џеваир Скај Сити“ во скопската населба Аеродром. Висината на ова здание од 40 ката ќе биде 130 метри и дополнителни 32 метри под земја, од кои осум метри се подземни гаражи, додека 24 метри се темелни столбови. Третата кула ќе има 344 стана. Генералниот директор на Џеваир Холдинг, Есер Џеваир денеска излезе со информации поврзани со останатите сегменти од проектот. Првите две кули ќе бидат вселиви кон крајот на 2015 година, додека третиот објект, вклучувајќи го и трговскиот центар, ќе се завршат во 2017 година.
„Се надеваме дека во Македонија ќе продолжиме со градба и очекуваме наскоро да почне изградбата и на четвртата кула“, истакна Есер Џеваир. Вкупната инвестиција во комплесот „Џеваир Скај Сити“ изнесува 300 милиони евра. Покрај станбените единици, во рамките на проектот со површина од 286.000 метри квадратни е предвиден трговски центар, фитнес сали, покриени базени, турски бањи, сауни, детски игралишта, сквош и пинг понг игралишта, паркинг на пет ката и салони. Станбените облакодери официјално почнаа да се градат кон средината на јули 2012 година.