Министерството за образование и наука стартува со изградбата на новата училишна зграда на ОУ „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром. Објектот ќе се гради до постоечките бараки на училиштето изградени по скопскиот земјотрес. Градежните работи ќе ги изведува фирмата „ВИА“ од Вевчани, за што се обезбедени 54 милиони денари од државниот буџет. Зградата ќе се гради на површина од 2.150 метри квадратни и ќе се состои од приземје и кат со 12 училници, шест кабинети и библиотека.
Новиот објект ќе има капацитет да прими 600 ученици со можност и за двосменско одржување на наставата. Проектната документација за училишната зграда ја изработи „Идеја Плус“ од Скопје, додека надзорот над градежните работи ќе го врши „ЕОС Консалтинг“.