За два месеци Гевгелија ќе добие нова меѓуградска автобуска станица во непосредна близина на постоечката железничка станица во градот. Објектот ќе се гради на парцела со големина од 2.723 метри квадратни и ќе се состои од билетара и чекална со површина од 60 метри квадратни, пет перони за поаѓање и пристигнување на автобусите, покриен дел со настрешници и паркинг простор за возила. Локалната самоуправа од градот склучи договор со градежната компанија „Еуроинг“ од Гевгелија за изградба на автобуската станица. На тендерот беа доставени две понуди, а во согласност со критериумот за најниска цена беше избрана гевгелиската фирма, која за сума од 11.635.761 денари или околу 190.000 евра треба да го реализира целокупниот зафат.
Општина Гевгелија одлучи со сопствени финансиски средства да ја изгради автобуската станица, откако не успеа да пронајде заинтересиран приватен инвеститор кој би стопанисувал со објектот. Промени претрпе и проектната документација, со што првично планираниот објект со приземје, двата ката и поткровје е заменет со друг проект кој предвидува изградба единствено на затворен простор за продавање на билети и за чекална. На локацијата на досегашната станица во центарот на градот е предвидено да се подигне деловен објект. Од локалната самоуправа објаснуваат дека со реализацијата на проектот Гевгелија ќе добие модерен транспортен центар, бидејќи во близина на идната автобуска е постоечката железничка станица, која наскоро треба да биде реконструирана.