Македонските граѓани од денес до 1 март ќе можат да достават барање до деловните банки за подигнување на субвенциониран станбен кредит по поволни услови, преку владиниот проект „Купи куќа, купи стан“. Според податоците од Министерството за финансии, по разгледувањето на поднесоците, првите кредити се очекува да бидат одобрени на почетокот на април. Заинтересираните лица можат да изберат една од двете варијанти при аплицирање за кредит за купување стан или изградба на куќа.
Првиот модел предвидува субвенционирање на половина од месечната рата од станбен кредит за првите 5 години од отплатата на кредитот. Втората солуција овозможува државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан односно изградба на куќа. Министерството за финансии им овозможува на граѓаните за сите нејаснотии поврзани со овој проект да постават прашање преку официјалната интернет – страница. Министерот за финансии Зоран Ставрески очекува голем интерес и притоа истакнува дека во случај да се поднесат повеќе апликации од обезбедените средства, селекцијата ќе се врши по електронски пат со предност на граѓаните кои имаат пониски плати и бараат помал кредит.
Тој се надева дека ќе се намали цената на становите, но и ќе се мотивира изградбата од страна на градежните компании. Покрај можноста за купување нов стан и изградба на куќа, ќе може да се поднесе барање и за доградба на куќа, но тогаш ќе треба градежната дозвола да гласи на лицето кое е кредитобарател. Услов за учество во проектот е граѓаните да имаат примања до 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра за метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра. Согласно прописите, годишната каматна стапка за двата модела изнесува 4,99% во првите три години и 5,5% во четвртата и петтата година. Од 6-тата до 20-тата година истата ќе се пресметува согласно вредноста на 6-месечниот ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени.
Македонските банки подготвено ќе ги дочекаат граѓаните. Од ПроКредит банка го појаснуваат процесот за поднесување барање – „Во случај за аплицирање преку ПроКредит банка потребно е да се резиденти на Република Македонија кои се вработени на неопределено време и се приматели на плата во нашата банка. Минималното учество во инвестицијата треба да изнесува 20%. Потребните документи со кои аплицираат се стандардни како за било кој кредит: документ за лична идентификација, пополнето барање за овој тип на кредит и присуство на брачниот другар при поднесување на барање од апликант кој е во брачна заедница. За подетални информации сите клиенти може да се обратат во било која експозитура на ПроКредит банка или во Контакт центарот кој работи 24 часа на 02/2446000“, истакнуваат од банката. Покрај во оваа, граѓаните можат да ги доставуваат своите апликации и во НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Стопанска – Скопје, Стопанска – Битола и Алфа банка.
Од друга страна, градежните компании итро молчат на прашањето дали ќе се намалат цените на становите со новиот владин проект. Голем дел од нив ќе имаат значителен прилив на средства и огромен профит од продажбата на нови станови, но и покрај тоа не одговараат дали ќе има извесно намалување на нереално високата вредност на овој вид недвижности во Скопје. Според владините очекувања, можноста за подигнување на станбен кредит преку овој проект ќе ја искористат од 2.000 до 2.500 граѓани.
Бојан Блажевски