Општина Куманово и Центарот за развој на североисточниот плански регион ќе вложат 20 милиони денари за целосна реконструкција на Занатскиот дом во Куманово. Оваа градба во централното градско подрачје ќе добие санирана фасада и нови прозорци. Проектот предвидува и ново ентериерното уредување, и тоа првенствено реконструкција на свечената сала. Во објектот во иднина ќе се одржуваат седниците на општинскиот совет на Куманово, но и концерти, театарски претстави и други културни манифестации. Со санациониот зафат ќе се задржи автентичниот лик на објектот изграден во 1930 година.
Од вкупната вредност на проектот, Општина Куманово ќе обезбеди 7 милиони денари, додека преостанатите средства е предвидено да се обезбедат преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој. Занатскиот дом е лоциран на градскиот плоштад и претставува своевиден симбол на Куманово, но во изминативе две децении е девастиран и оставен на заборав на времето.