Претходна статија
Конзерваторско-реставраторски работи на црквата „Св. Горѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане
Следна статија
Ќе се подготват проекти за неколку патишта во источна Македонија

Зајде довршувањето на фасадата на Министерството за транспорт и врски

Објавено на 23.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Полни две години доцни изведбата на новата „барокна“ фасада на административното седиште на Министерството за транспорт и врски на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје. Првичниот рок од 2014 година за вселување на зданието не е испочитуван, а во моментов се работи на довршување на фасадата и градежно-занаетчиските работи во внатрешноста на зградата. Неодамна беа поставени 10 скулптури на „барокната“ фасада, со што треба да се комплетира нејзината изведба.

 

 

 

Дури по средувањето на градежниот дел, објектот ќе биде опремен со мебел и опрема во канцелариските простории, по што ќе следува селењето на администрацијата во новиот објект. За разлика од менувањето на изгледот на предната страна на фасадите кај станбените објекти во центарот на Скопје, зградата на Министерството за транспорт и врски има нова фасада и од задниот дел, кој ги задоволува мерките за енергетска ефикасност.

 

Крајниот рок за довршување на градежните работи е непознат, ниту пак кој ќе ја сноси одговорноста за времетраењето на реконструкцијата и надградбата на објектот од дури пет години. Во текот на изградбата се покажа дека треба да се интервенира на подобрување на статиката на објектот. Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, за реализација на целокупниот проект досега се издвоиле средства од 5.731.712 евра.

 

 

 

Градежните работи за изведба на „барокната“ фасада на Министерството за транспорт и врски ги врши фирмата „Бетон“ од Скопје. Во согласност со проектната документација, објектот требаше да се подигне за два ката, да се изведе нов влез и да се постават два нови лифта.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk