Претходна статија
Започна изградбата на гасоводот Клечовце - Штип
Следна статија
Менувањето ДУП-ови за Водно ги скара политичарите

Заев: Менувани ДУП-ови за Груевски да купи плацови на Водно

Објавено на 15.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скандалот со прислушкувани разговори во Македонија уште еднаш го стави во центарот на вниманието на јавноста начинот на кој се менуваат и усвојуваат урбанистичките планови. Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев на денешната прес – конференција презентираше аудио материјали во кои премиерот Никола Груевски говори за менување на урбанистички планови во скопската општина Центар, како што наведуваат од СДСМ, во функција на купување лични имоти. Според претседателот на СДСМ, во објавените аудио снимки се говори за менување на урбанистичкиот план Капиштец – Водно. „Станува збор за две многу атрактивни локации на кои удрил мерак Никола Груевски и дошол до нив. Денес нивната вредност е над 5.000.000 евра“, изјави Зоран Заев.

 

Од СДСМ ги презентираа некогашните и сегашните ДУП-ови, заедно со имотни листови на сопствениците на градежните парцели на подножјето на Водно. На првата локација, на крајот од улицата Питу Гули, четири парцели со намена за спорт и рекреација се пренаменети во маркички за семејно домување со посебен режим. На друга локација, како што наведуваат од СДСМ, на просторот веднаш над хотелот Панорама се случила втората промена на урбанистичкиот план Капиштец – Водно. Земјиштето во оригиналниот ДУП било наменето за заштитно зеленило, додека со промената на урбанистичкиот план проектирале три огромни парцели за куќи.

 

##

 

##

 

 

Како што наведува Зоран Заев, во објавените разговори за првата локација се работи за градежно земјиште од 2.700 метри квадратни, додека во втората промена станува збор за парцели со површина од нешто повеќе од 11.000 метри квадратни. Според изнесеното на денешната прес – конференција на СДСМ, сопственици на четирите парцели од првата локација се фирмите „Кара“ и „Ексико“. Заев наведе дека сопственикот на втората локација со површина од над 11.000 метри квадратни е фирмата „Сирах Инженеринг“, чијшто основач и стопроцентен сопственик е фирмата „Сирах Лимитед“ од Белизе.

 

Како реакција на денешната прес – конференција, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не ја коментираа темата за која се говори на објавените аудио – снимки од СДСМ. Тие тврдат дека претседателот на СДСМ спроведува сценарио со монтирани и креирани снимки. „Притоа Заев знаејќи дека нема што да објави, самиот коментира, самиот прави воведи, самиот прави нечесни конструкции и истите тие монтирани снимки ги става во манипулативен контекст“, истакнуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.