Претходна статија
БЛИЦ ВЕСТ: Започна изградбата на тениски игралишта во Илинден
Следна статија
Ќе се гради високообразовна институција во Сарај

Заем од ЦЕБ за изградба на социјални станови

Објавено на 16.03.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата на Република Македонија се задолжи кај ЦЕБ (CEB – Council of Europe Development Bank) во вредност од 25,35 милиони евра за проектот за домување на социјално ранливи групи. Ист толкав износ ќе биде издвоен и од државниот буџет. Со проектот е предвидено во 19 градови да се изградат 37 згради со вкупно 1.708 станови. Реализацијата започна во 2007 година, а се очекува да заврши до јуни 2013 година.


Шест целни групи се подобни да ги користат овие станови: деца без родители над 18 години, невработени лица и лица корисници на социјална помош, жители на региони погодени од природни катастрофи, инвалидизирани лица или домаќинства кои имаат инвалидизирано лице, социјално загрозени лица припадници на ромската популација и самохрани родители со малолетни деца. Координатор на проектот е Министерството за транспорт и врски, а имплементацијата ја врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.


Рокот за отплата на заемот ќе се утврдува за секоја транша одделно, при што рокот на отплата може да биде до 20 години, вклучувајќи грејс период до пет години. Заемот ќе се повлекува во неколку транши. Износот на секоја транша ќе се одредува во зависност од напредокот во изградбата на социјалните станови и реализацијата на проектот и планираните активности за идниот период. Првата транша треба да се повлече во рок од 12 месеци од стапувањето на сила на рамковниот договор за заем и не треба да надмине 33 проценти од вкупниот износ на заемот. Повлекувањето на следните транши ќе се реализира откако Република Македонија писмено ќе ја извести банката дека 90 проценти од износот на претходната транша е алоциран. Каматната стапка и валутата ќе се одредуваат за секоја транша од заемот одделно на денот на повлекување на истата. Каматната стапка за сервисирање на заемот може да биде варијабилна или фиксна. Варијабилната каматна стапка е Euribor стапката зголемена за варијабилен распон.


Во 2008 година, Република Македонија од ЦЕБ обезбеди и заем тежок 12,5 милиони евра за реализација на дел од проектот за изградба  на 145 фискултурни сали во основните и средни училишта.