Општина Кочани планира да инвестира во изградба на мини акумулација што ќе се користи за создавање на вештачки снег за потребите на зимско-рекреативниот центар Пониква. Локалната самоуправа ги започна активностите за изработка на проектна документација за изградба на акумулацијата со насипен преграден ѕид од 19,5 метри. Покрај за производство на вештачки снег, водата од оваа брана ќе се користи за задоволување на потребите за питка вода на овој скијачки центар. Изработката на проектната документација ќе чини над 2,1 милион денари.
Браната ќе се гради на локацијата Арамиска Чешма. Како што информираат од кочанската локална самоуправа, инфраструктурниот објект ќе има капацитет од 52.000 метри кубни вода. Проектот планира изградба на три доводни канали со должина од 660 до 1.300 метри. Проектната документација ќе биде изработена во рок од 7 месеци, со што ќе се создадат услови за побрз пристап до финансиските фондови за изградба на акумулацијата. Покрај идејниот и основниот проект, избраната фирма ќе биде должна да ги реализира и неопходните геотехнички истражувања.