Започна градежната фаза од проектот за изведба на нов централен клинички блок во Клиничкиот центар во Скопје. Во тек е уривање на стариот објект на Гинеколошката клиника, на чие место ќе никне современ објект со површина од 61.500 метри квадратни. Тој ќе биде поврзан со постојната зграда на Хируршките клиники, со новата Клиника за гинекологија и со Клиниката за онкологија.
Во новоформираниот комплекс ќе бидат сместени сите клиники освен Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести (кон која ќе се спои Клиниката за детска хирургија која од постојната зграда ќе премине таму), Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во сегашните згради. Интерните клиники, кои се изградени во 30-тите години на минатиот век, ќе бидат урнати и на нивно место ќе има парк и шеталиште. Паркирањето ќе биде решено со изградба на две катни гаражи.
Покрај изградбата на новиот клинички блок, планирано е и реновирање на објектот на Хируршките клиники со адаптирање на хоспиталниот дел со болнички соби со сопствени санитарни јазли, адаптирање на испразнетите простори кои ќе останат после преселувањето на дел од клиниките, како и реновирање на Клиниката за детски болести.
Уривањето на стариот објект на Клиниката за гинекологија е предвидено да трае три месеци, по што ќе почне изградбата на новиот клинички блок, која треба да се заврши во рок од три години. Идејниот проект го изработи италијанската проектантска куќа „Арен С.Р.Л.“ од Торино за 1,3 милиони евра, а за изградбата се предвидени 70 милиони евра, средства обезбедени од Банката на Советот на Европа.