Тетовската градежна фирма „НБ Цомпану“ ќе ја реализира санацијата и адаптацијата на блокот А од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Активностите е предвидено да се завршат во рок од шест месеци, така што студентите од наредната учебна година ќе имаат хумани услови за живот. Реконструктивниот зафат опфаќа замена на прозорците, подовите, вратите, плочките и осветлувањето во објектот. Молеро-фарбарските работи ќе се изведат во внатрешните простории на објектот, но нема да се менува неговата функција и надворешниот изглед. Министерството за образование и наука од државниот буџет за оваа намена одвои 89.044.122 денари, односно околу 1,4 милиони евра.
За остварување на претстојниот градежен зафат е изготвена целокупната техничка документација. За студентските соби е планирано да се распише и посебен тендер за соодветно опремување на просториите. Од надлежното министерство во моментов ја подготвуваат документацијата за реконструкција на блоковите В и Г, со чија обнова треба да се започне во наредниот период. Блокот Б од овој сместувачки капацитет беше пуштен во употреба на почетокот од ноември минатата година.
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во скопската населба Тафталиџе е изграден во текот на 70-те години на XX век, врз основа на проект изработен од архитектот Георги Константиновски. За вложената инвентивност во творечкото дело, тој ја има добиено архитектонската награда на водечкиот југословенски весник „Борба“. Самото здание е поделено на четири блока, кои се состојат од 544 двокреветни соби, 64 еднокреветни соби и 54 соби за студенти во брак.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk