Огромен интерес на граѓаните за распишаниот јавен повик за надоместување на дел од средствата инвестирани во вградување на нови ПВЦ и алуминиумски прозорци во домаќинствата. Средствата во висина од 30 милиони денари се исцрпени по неполни три недели од објавувањето на повикот на 30 март. Од Министерството за економија нема да можат да примаат нови барања од граѓаните, поаѓајќи од фактот дека субвенциите се делат по принципот „прв дојден прв услужен“. Од надлежното министерство треба допрва да ги разгледаат сите пристигнати барања и да ја утврдат листата на граѓани што ги исполнуваат условите за поврат на дел од вложените средства.
Со обезбедените средства од државниот буџет беше предвидено да се обезбеди поврат на 50% од вложените средства во енергетско ефикасни прозорци, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Ваквиот проект се реализира втора година по ред, при што македонските домаќинства постепено ја развиваат свеста за бенефитите што произлегуваат од вложувањето во зафати што ги задоволуваат мерките за енергетска ефикасност.