Претходна статија
Павел Велјаноски е добитник на архитектонската награда „ТИГРИТЕ“
Следна статија
ФЕЉТОН: Полската помош во првите денови по катастрофалниот земјотрес во Скопје (2)

За изгледот на ГТЦ повторно се препукуваат двете најголеми партии

Објавено на 29.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

ВМРО-ДПМНЕ се залага за „барокизација“ на Градскиот трговски центар (ГТЦ), а СДСМ смета дека треба да се зачува неговиот автентичен изглед. Двете најголеми партии од македонскиот блок денеска повторно го отворија прашањето за понатамошната судбина на модернистичкиот бисер во центарот на Скопје. Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје, денеска вети дека ќе го почитува постојниот надворешен лик и авторски концепт на ГТЦ. „ГТЦ бил изграден за да биде отворен, таков и ќе го направиме. Ќе ги санираме штетите од досегашната негрижа и ќе направиме зелен покрив на ГТЦ, за да го надоместиме лудилото со сечење на зеленилото што ни се случи во изминативе години“ изјави Шилегов.

 

 

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение во кое велат дека Петре Шилегов имал чудна прес-конференција на која тој кажал дека ГТЦ ќе остане таков каков што е. Од опозициската партија сметаат дека на ГТЦ му е потребна итна реконструкција. Самиот објект постанал неатрактивен простор за стопанисување и непривлечно место за граѓаните. „Петре Шилегов наместо со работа се фали со неработа и со тоа ќе блокира проекти“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Владејачките социјалдемократи одговорија дека новиот градоначалник на Град Скопје нема да дозволи уште едно нагрдување на градскиот лик на Скопје заради остварување на нечии криминални интереси. „Доколку ВМРО-ДПМНЕ и Трајановски навистина се грижеа за ГТЦ досега ќе го реконструираа објектот, но наместо тоа тие се решија присилно да наметнат квазибарокно решение за објектот. Очигледно е дека во ВМРО-ДПМНЕ не можат да се помират што граѓаните не дозволија да се реализира уште еден во низата криминални проекти“ посочија од СДСМ.

 

Идејата за менување на надворешниот лик на Градскиот трговски центар замина во историјата со укинувањето на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање од страна на Уставниот суд. Оригиналниот изглед на објектот беше спасен во последен миг. Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за оваа архитектонска творба да стане „објект од посебен интерес“, со што Општина Центар ќе беше заобиколена во процесот на издавање градежна дозвола при евентуалниот зафат.

 

Пред овој чекор, претходната власт го изработи основниот проект и идејното решение за ГТЦ, со кое требаше да се изведе „барокна“ фасада и да се напушти препознатливиот изглед на објектот. Првичната идеја беше да се најде приватен концесионер што би инвестирал во „барокизацијата“, а во замена за вложените средства тој да го добие поголемиот дел од површината на трговскиот центар.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект