Македонски енергетски ресурси (МЕР) започна со изградба на магистралниот гасовод од Штип до Неготино во должина од 36 километри. Капиталниот зафат се гради преку кредит од германските Дојче Банка и Ерсте Банка, при што за гасоводното поврзување на овие два града се издвоени околу 16 милиони евра. Проектот во наредните 18 месеци ќе го изведува македонски конзорциум, кој е предводен од „Рапид билд“ од Куманово, „Ел-Те Инженеринг“, „Чакар-партнерс“, „Спектартермо“ и „Квалитет-пром“ од Куманово. Надзорот над градежните работи ќе го врши фирмата „Простор“ од Куманово.
* Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
На денешната свеченост по повод почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Емил Димитриев и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. „Реализацијата на овој проект ќе значи дополнително олеснување во работата на индустриските капацитети, на компаниите во нашата држава, бидејќи со гасификацијата директно се придонесува за подобрување на условите за производство поради поевтиниот енергенс“ изјави премиерот Димитриев.
Како што информираше првиот човек на владата, до 2019 година со средства од државниот буџет ќе бидат изградени вкупно 265 километри од гасоводниот систем. Планирано е да се изведат новите магистрални гасоводи Штип – Радовиш – Струмица – Гевгелија, Штип – Кочани – Виница, Штип – Свети Николе – Велес, Струмица – Ново Село, Гостивар – Кичево и Кичево – Охрид – Струга – Ќафасан.
Од опозицискиот СДСМ реагираа со соопштение на денешниот настан. Социјалдемократите реагираат дека гасоводот нелогично го одминува ТЕЦ „Неготино“, со што се потврдувала негрижата на државата кон оваа термоелектрана. Од СДСМ наведуваат и дека постои огромна разлика во цената меѓу веќе изградениот гасовод Клечовце – Штип и денеска започнатиот Штип – Неготино. Опозициската партија обвини дека сегашната власт по една деценија владеење ја оставила државата без гасоводен систем.