Претходна статија
Нов пешачки мост на Вардар ќе ја зголемел туристичката атрактивност на Скопје
Следна статија
Започна реконструкцијата на Занатскиот дом во Куманово

За една фасада во „барок“ ќе се одвојат над 1,1 милиони евра

Објавено на 16.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје продолжува со трошењето на огромни средства за менување на постоечкиот изглед на објектите на улица „Македонија“. За промена на предната фасада на зградата со број 32 ќе се издвојат пари од граѓаните во висина од 70.475.222 денари, односно над 1,1 милион евра. На распишаниот тендер учествувале пет градежни компании, а претстојната „барокизација“ на објектот ќе ја изведува фирмата „Пелагонија“ од Гостивар. Изведбените работи треба да се реализираат во период од 12 месеци. Пред помалку од еден месец, Градот Скопје склучи договор и за преслекување на објектот на улица „Македонија“ бр.40.

 

* Градот Скопје изработи „барокно“ идејно решение за објектот „Палома Бјанка“

 

 

Покрај огромните финансиски издатоци што се одвојуваат за „барокните“ фасади, проектот е проблематичен и од аспект на авторските права на архитектите кои ги изработиле оригиналните идејни решенија за зградите во центарот на Скопје. Градските власти деновиве распишаа оглас за избор на фирма што ќе го работи основниот проект за промена на надворешниот лик на деловниот комплекс „Палома Бјанка“. Како автор на архитектонската творба која била избрана на Конкурс, Трајко Димитров не може да си го заштити своето авторско дело.

 

Како и пред два месеци за порталот „Билд“, Трајко Димитров и денес во изјава за телевизија „Телма“ повикува да се заштити неговата оригинална творба. Во недостиг на интерес кај домашните институции, тој посочува дека треба да се побара од Организацијата за образование, наука и култура на ООН УНЕСКО да им помогне на македонските архитекти. „Ние очигледно имаме апсолутна асистенција за решавање на политичката криза, да побараме асистенција од УНЕСКО и за проблемот на обезличувањето на Скопје“ посочува архитектот Димитров.

 

Според последните информации добиени од Градот Скопје, во централното градско подрачје е предвидено да се променат постоечките фасади на минимум 70 објекти, нешто што во европски рамки не е забележано како потег од државните власти по распадот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk