Претходна статија
Македонија ќе добие Центар за позитрона емисиона томографија
Следна статија
Затворот во Шуто Оризари ќе се проширува со нови згради

Втор тендер за новиот изглед на владината зграда

Објавено на 05.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Неуспешен исход на обидот за пронаоѓање компанија што би ги извела најавените градежни интервенции врз владината зграда. Службата за општи и заеднички работи на владата објави нов тендер за избор на најповолен понудувач за реализација на активностите за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот. Неокласицистичкото идејно решение на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов ќе може да го спроведат на дело и два различни субјекта, при што една фирма би ги имплементирала новите фасадни елементи иманентни на проектот „Скопје 2014“, додека втората фирма би ја изработила „архитектурата со конструктивен систем и илуминација“. Во согласност со постоечката документација, површината на објектот ќе порасне од 35.200 на 42.240 метри квадратни. Понуди ќе се доставуваат најдоцна до 22 февруари, а од владината служба засега не излегуваат со информации за причините поради кои пропадна првиот тендер за реконструкција на седиштето на македонската влада.

 

Висината на финансиските средства што ќе треба да се одвојат од државниот буџет за овој зафат ќе бидат познати по склучување на договорот со најповолниот понудувач. Основниот проект за новиот неокласицистички изглед на владиниот објект е дело на студиото „Архитектоника“ од Скопје. Спротивно на вообичаената архитектонска пракса, владата се одлучи да го спроведе новото идејно решение до крај, иако авторот на оригиналниот проект за зградата, Петар Муличковски одлучно се спротивстави на прекршувањето на неговите авторски права.

 

» Форумска дискусија за овој проект