Количеството на превезена стока во воздухопловниот превоз е зголемено за 38,5%, а низ двата македонски аеродроми во првите три месеци од 2014 година минале за 8,2% повеќе патници во споредба со истиот период лани. Со овие показатели на Државниот завод за статистика, воздухопловниот превоз и понатаму останува светла точка во развојот на македонскиот транспортен сектор. Во првите три месеци од годинава со авион биле превезени 207.751 патници и 752.000 тони, без вклучен транзит.
Наспроти ваквиот напредок, железничкиот сообраќај бележи негативни резултати и во првиот квартал од 2014 година. Бројот на превезени патници со воз во овој период изнесувал 182.000, што претставува намалување од 7,6% . Превезената стока во железничкиот товарен сообраќај изнесува 588.000 тони, што е за 0,9% повеќе во споредба со првиот квартал од 2013 година. Од Државниот завод за статистика пресметале зголемување од 8% кај бројот на патници во патниот транспорт, каде оваа бројка во првите три месеци од 2014 година се искачила на 1.653.000 патници. Од друга страна, статистичарите забележале поголемо намалување од 15,8% во товарниот патен превоз.
Врз основа на објавените податоци, во градско – приградскиот превоз биле транспортирани 19.977.000 патници, што претставува значително зголемување од 19,9% во однос на првиот квартал од 2013 година. Изразено во бројки, јавниот превоз на почетокот од годинава бележи раст за преку 3,3 милиони патници, се наведува во денешното соопштение од Државниот завод за статистика.