Охрид за претстојната туристичка сезона ќе биде збогатен со нова понуда за посетителите. Општина Охрид во моментов ја привршува изградбата на пешачко-рекреативната патека на потегот од каналот Студенчишта до хотел „Парк“ долж крајбрежјето на Охридското езеро. Во моментов се реализира третата фаза од овој проект. Локалните власти информираат дека останува да се завршат активностите за хортикултурно уредување на патеката. Во изминативе месеци беше целосно завршен градежниот дел од изведбата на новото шеталиште.
„Првата фаза од изградбата на патеката, се реализираше со финансиски средства од проектот за меѓународна соработка ВАТЕРНЕТ, а финансиските средства за останатите фази беа обезбедени од буџетот на општина Охрид“ посочуваат од локалната самоуправа. Градежните работи на терен ги изведува фирмата „Еуро Стил“ од Охрид, која беше избрана на тендер во текот на март 2016 година.
Новото шеталиште во Охрид ќе биде со вкупна должина од 1.300 метри. Трасата ќе се состои од пешачка и од велосипедска патека со ширина од 12 метри. Долж целиот потег ќе биде поставена урбана опрема и осветлување. Остварувањето на првата фаза од изградбата на инфраструктурниот зафат започна пред околу две години.