Охрид наскоро ќе добие нова пешачко – рекреативна патека кај каналот Студенчишта во должина од 600 метри. Патеката ќе се протега од мостот кај Центарот за обуки на вода до Билјанини извори. Локалната самоуправа непрекинато работи на реализација на проектот, за кој се одвоени речиси 20 милиони денари. Од општината велат дека патеката ќе биде опремена со атрактивни содржини, вклучувајќи потпора од дрвени колци, дрвена патека за кајчари, камена пешачка зона, велосипедска патека, мостови што ќе ги поврзуваат двете страни од каналот и урбана опрема.
* Извор на фотографија: Општина Охрид
„Патеката ќе има двоен фронт кон каналот Студенчишта од дрвени колци кои што ќе бидат естетски убави, потоа ќе содржи една дрвена патека за кајчари и сопственици на пловни објекти кои ќе можат слободно да се движат и да ги прикачуваат своите пловни објекти, понатака ќе има една камена пешачка зона во ширина од четири метри, па потоа следува една хортикултурно уредена зона, понатака има велосипедска патека во ширина од два метри, па следува прекрасно уредениот нов канал“ изјави охридскиот градоначалник Никола Бакрачески. Градежните работи на терен ги изведува охридската фирма „Бифора инженеринг“, која беше избрана на тендер во текот на јули минатата година.