Во присуство на македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељановски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, денеска беа осветени новоизградениот конак Источен палат и возобновениот конак Горни палат. После пет и пол години од големиот пожар во 2009 година, Бигорското светилиште на свети Јован Крстител најпосле е целосно обновено.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
На корисна површина од 7.600 метри квадратни, колку што зафаќаат Источен и Горни палат, распоредени се педесетина монашки ќелии, магерницата, големата трпезарија, галеријата со икони, подрумските простории, великиот и малиот синодикон, гостинскиот архондарик, манастирската амбуланта, книгохранителницата, манастирската кула и други функционални простории. Проектот за реконструкција беше резултат на испитувањата на состојбата на терен кои ги спроведоа повеќе институции и има поминато низ редица комисиски филтри во Националниот конзерваторски центар, како и надворешни консултанти. Првичните предвидувања беа дека обновата на Горни палат ќе трае две години.