Општина Штип денеска објави оглас за продажба на државно неизградено земјиште за изведба на станбени згради и објекти со комерцијални и деловни намени. На електронското јавно наддавање се продаваат две парцели од 550 и 600 метри квадратни за изградба на станбени згради во населбата „Сењак 4“, една локација со површина од 2.474 метри квадратни за изградба на станбена зграда во населбата „Пребег“ и две парцели од 3.093 и 3.201 метри квадратни во месноста „Стари бунари – Туртел“ за објекти со намена за мали комерцијални и деловни дејности.
Почетната цена за огласените парцели наменети за изградба на станбени згради е 1.635 денари од метар квадратен, додека земјиштето за деловни и комерцијални објекти се продава по цена од 2.300 денари од метар квадратен. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање, заедно со банкарската гаранција за сериозност на понудите, треба да се достават најдоцна до 20 декември. Електронската аукција на огласеното земјиште е закажана за 22 декември.