Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров ја посетија Детската клиника во Скопје, во која во изминативе 18 месеци беше реализиран крупен реконструктивен зафат. Со обезбедените финансии од државниот буџет се санираа постојните 22 и се изведоа 40 нови тоалети, се променија прозорците и лифтот, просториите за пациенти се опремени со 220 нови кревети, а во моментов привршуваат изведбените активности во Ургентниот центар и промената на влезните врати во целиот објект. Министерот Никола Тодоров во изјава за медиумите информираше дека во изминатиов период се инвестирани преку 110 милиони денари или речиси 2 милиони евра во рамките на проектот за реновирање и подигнување на постоечкиот стандард на установата.
Според прогнозите на раководството на клиниката, со овој проект ќе се создадат услови оваа здравствена установа да прерасне во регионален центар за лекување на детските болести.