За социјално ранливите категории во Прилеп е изградена нова станбена зграда со 76 станови. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денес присуствуваше на прелиминарната електронска распределба на новоизградените домови. За вкупно 76 живеалишта на конкурсот се пријавиле 232 лица, од кои 173 граѓани доставиле валидна документација. По составувањето на прелиминарната листа, владина комисија ќе изврши контрола и ќе ја состави конечната листа на станари во идната зграда. Закупнината за еден метар квадратен станбена површина во социјалната зграда изнесува 15 денари. Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека претстојниот месец ќе се изврши доделување на социјални станови во Демир Хисар и Ресен, каде што веќе се изградени две станбени згради.
Изградбата на социјални станови во земјава е проект на македонската влада, во соработка со Банката за развој на Советот на Европа. За негова реализација е подигнат кредит во вредност од 25,35 милиони евра, а идентична сума е обезбедена и од државниот буџет. Со целосното завршување на проектот ќе се обезбедат 1.708 станови за граѓаните од социјално ранливите категории во 19 градови од земјава.