Речиси два месеци од започнувањето на градежните работи, веќе се наѕираат контурите на новиот градски плоштад во Кавадарци. Покрај поплочување со гранитни плочи проектот опфаќа изградба на фонтана на Дионис, фонтани на црвено и бело вино, обелиск висок 12 метри кој на дното ќе има буре, а на врвот гроздови, како и амфитеатар каде што ќе се одржуваат културни манифестации. Моментално се бетонира подлогата и фонтаните и се прават подготовки за поставување на гранитните плочи. При извршување на работите завчера случајно е пронајден еден од артериските бунари преку кои до 1952 година градот се снабдувал со вода и решено е тој да се обнови и да се вклопи во плоштадот. До 15 јули кога во Кавадарци почнува Европското кошаркарско првенство за девојки до 20 години, централното градско подрачје треба да го добие новиот лик.
Вредноста на инвестицијата е околу 450.000 евра, а локалната самоуправа финансиите ги обезбеди преку донации од кавадаречката бизнис заедница. Најголем дел покрива „Фени индустри“ – околу 200.000 евра. Носител на проектот е инженер Ванчо Колевски, а главен изведувач на градежните работи е „ДГТ Градба Промет“ од Кавадарци. Ова е прва фаза од сеопфатниот проект кој предвидува низ следните две фази да се направи уште поголем плоштад и голема пешачка зона, како и подземни сообраќајници во центарот на градот. За втората и третата фаза се потребни значителни финансиски средства и засега нема најава за нивно скоро отпочнување.
Форумска дискусија за овој проект » овде
Галерија: