Бројот на издадени одобренија за градење бележи минимален пад, но кај вкупната вредност на предвидените градежни активности во ноември 2011 година е забележано намалување од дури 32,9% во споредба со истиот месец од претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на планираните објекти во претпоследниот месец од минатата година изнесува 2.977.838.000 денари (49 милиони евра), при што најголем пад е забележан кај објектите за реконструкција од 90,3% и во секторот нискоградба од 75,4% во однос на ноември 2010 година.
Статистичарите пресметале дека во извештајниот период се издадени 240 одобренија за градење, што е за 0,4% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Од вкупниот број на издадени градежни дозволи, 173 (72,1%) се наменети за објекти од високоградба, 28 (11,7%) за објекти од нискоградба и 39 (16,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 240 објекти, на 167 (69,6%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 73 објекти (30,4%) инвеститори се деловни субјекти.
Градежните компании во ноември 2011 година предвиделе изградба на 496 станови со вкупна корисна површина од 43.764 метри квадратни. Податоците покажуваат дека е забележано значително намалување на плановите за изградба на станбени површини од дури 39,7%, ако за споредба се земе истиот месец од претходната година. На ниво на целата земја, компаниите се најзаинтересирани за градење објекти од овој вид во Полошкиот и Скопскиот регион каде се предвидени 199, односно 124 станбени единици. Во однос на локалните самоуправи, најмногу станови за изградба се планирани во Гостивар (106) и Охрид (61).
Бојан Блажевски