Опаѓа интересот за изградба на нови станбени единици во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во текот на мај 2018 година издале одобренија за градење на 477 станови, со вкупна корисна површина од 38.951 метар квадратен. Споредено со идентичниот месец лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 55,8%, додека нивната корисна површина опаднала за 51%. Деловните субјекти ја започнале постапката за изградба на 289 станови со површина од 19.660 метри квадратни, додека физичките лица се јавуваат како инвеститори во 188 станови.
Двојно намалениот број на предвидени станови за градење е единствената разлика кај овој вид недвижности во однос на претходните години. Инвеститорите и понатаму најмногу се интересираат за изградба на трисобни (167) и двособни станови (146). Скопскиот регион, со издадени градежни дозволи за изградба 153 станови, привлекол најголем интерес при инвестирањето во нови живеалишта во текот на мај 2018 година. Исто како и во текот на претходните години, најмногу станови било предвидено да се издигнат во општина Аеродром – вкупно 121.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај 2018 година се издадени 222 одобренија за градење, што е за 7,9% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.529.344 илјади денари, што е за 4,2% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 116 (52,2%) се наменети за објекти за високоградба, 41 (18,5%) за објекти од нискоградба и 65 (29,3%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 222 објекти, на 116 (52,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 106 (47,7%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk