Со целосната реконструкција на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ ќе започне инфраструктурната надградба на скопско Маџир Маало. Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ изјави дека со новото општинско раководство на Аеродром постигнале договор околу обврските за развој на инфраструктурата во овој дел на Скопје. Улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ ќе се реконструира во должина од 250 метри, при што ќе се прошири на 14 метри, а ќе се изведат велосипедска и пешачка патека. Фекалната канализација во должина од 650 метри ќе има приклучок и изведба со соседната општина Аеродром. На оваа улица ќе се изгради и атмосферска канализација.
Богдановиќ најави дека новиот ДУП за Маџир Маало ќе биде усогласен со Генералниот Урбанистички План на Град Скопје. Ревидираниот урбанистички план ќе биде во интерес на граѓаните, со што ќе се стави крај на градежната инвазија. Покрај натамошниот развој на инфраструктурата со реконструкција и на другите улици, Маџир Маало во иднина би добило и детска градинка.