Општина Кочани продава 14 градежни парцели за изградба на објекти за индивидуално домување, викенд – куќи и зданија од лесната индустрија и малото стопанство. Пет локации за градење се наменети за изградба на куќи во самиот град, додека дополнителни шест парцели се предвидени за изградба на викендички во зимско – рекреативниот центар „Пониква“. На огласот се понудени и две градежни места од 1.150 и 1.471 метри квадратни за подигнување на фабрики во месноста „Драчевиќ“.
Почетната цена на понуденото градежно земјиште е 61 денари од метар квадратен. Општинските власти очекуваат пријавите од заинтересираните инвеститори да се достават најдоцна до 5 март, односно до 13 март за локациите наменети за викенд – куќи на Пониква. Електронското јавно наддавање за огласените парцели е пропишано да се одржи на 7 и 15 март.