Македонскиот транспортен сектор и во текот на минатата година забележал континуиран пораст во делот на патниот и воздухопловниот сообраќај, стагнација во делот на градскиот превоз и остар пад кај превозот на патници и стоки со железница. Државниот завод за статистика во публикацијата „Транспорт и други услуги, 2013“ констатира дека железничките патнички километри минатата година биле намалени за 48,1% во споредба со 2009 година, додека нето – тонските километри во товарниот железнички сообраќај лани опаднале за 15,3% во однос на периодот од пред пет години. Опаѓањето на користењето на услугите на железницата довело до тоа учеството на овој вид превоз во структурата на превезени патници да изнесува само 0,7%, додека во делот на транспортираната стока тој е заокружен на 6,8%.
Наспроти ваквиот остар пад, патниот сообраќај бележи постепен и сигурен раст во земјава. Бројот на патнички километри на автобусите во 2013 година е зголемен за 15% во однос на 2009 година. Истовремено, тонските километри кај товарниот патен превоз нараснале за 27,5% во споредба со периодот од пред пет години. На тој начин, со патниот превоз лани се транспортирале 13,4% од вкупниот број патници, но и огромни 93,2% од товарот. Исклучително позитивни резултати бележи и авиосообраќајот, каде што минатата година има зголемување од 68% кај бројот на патници и 18,2% кај транспортираната стока од двата македонски аеродроми, во споредба со 2009 година.
За одбележување е и фактот што бројот на такси возила во земјава бележи константен пораст во претходниве неколку години. Учеството на таксистите во вкупниот број на превезени патници лани изнесувал 27,4%. Од друга страна, градскиот превоз со автобуси бележи стагнација во однос на 2012 година, но сепак е констатиран раст од 6% ако се направи компарација со 2009 година. Јавниот сообраќај во градовите учествува со 57,6% во структурата на превезени патници минатата година, што е најголем процент во делот на изборот на транспортни средства што им стојат на располагање на патниците.