Крајот на 2016 година бил одбележан со значително намалување на бројката на планирани станови кои што допрва ќе се градат во земјава. Државниот завод за статистика пресметал дека општините издале градежни дозволи за 419 предвидени станови за градба, со вкупна корисна површина од 41.887 метри квадратни. Изградбата на нови колективни згради и куќи за индивидуално домување е значително намалена во споредба со декември 2015 година. Бројката на предвидени живеалишта за градење е намалена за 54,4%, додека корисната површина на становите опаднала за 36%.
Физичките лица во текот на декември 2016 година биле најзначаен инвеститор во идните недвижности. Тие успеале да обезбедат одобренија за градење на 225 станови со површина од 28.442 метри квадратни. Останатите домови во наредниот период ќе ги градат деловните субјекти. Вообичаено, најголем интерес за вложување во изградбата на нови станови е прикажан за оние живеалишта со три соби (126) и со две соби (117). На ниво на региони, најмногу градежни дозволи се издадени во скопскиот регион, каде општините одобриле изведба на 127 нови станови. Општина Кисела Вода издала одобренија за градење на 80 станови, а по неа следуваа општина Струга со 66 и општина Струмица со 57 предвидени станови за градење.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2016 година биле издадени 333 одобренија за градење, што е за 0,9% помалку во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 7.433.793 илјади денари, што е за 52,9% повеќе во однос на декември 2015 година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 199 (59,8%) се наменети за објекти од високоградба, 39 (11,7%) за објекти од нискоградба и 95 (28,5%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 333 зданија, на 221 (66,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 112 (33,6%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk