Општина Битола објави оглас за продажба на осум градежни парцели за изградба на голем трговски центар, две станбени згради, три фабрики и две куќи на неколку локации во Битола. Локациите за градење на станбените згради се наоѓаат во некогашната битолска касарна и се со површина од 364 и 1.519 метри квадратни. Градежното земјиште за изградба на нови индустриски погони и голем трговски центар е сместено во рамките на индустриската зона „Жабени“, а неговата квадратура се движи од 2.107 до 8.324 метри квадратни. Парцелите од 573 и 603 метри квадратни за изведба на куќи за домување квадратни се лоцирани во населбата Ушици.
Заинтересираните инвеститори имаат рок до 21 август за да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање. Претстојната лицитација на огласеното земјиште е закажана за 23 август. Почетната цена за продажба на огласените градежни парцели изнесува 61 денари (за идните фабрики и куќи за домување), 900 денари (за големиот трговски центар) и 2.570 денари (за станбените згради) по метар квадратен.