Претходна статија
На Град Скопје не му чини осветлувањето на мостот „Мајка Тереза“
Следна статија
Граѓаните ќе учествуваат во уредувањето на кумановскиот плоштад

ВМРО-ДПМНЕ ветува изградба на пет експресни патишта годинава

Објавено на 17.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска испрати ново изборно ветување при неговата посета на скопската општина Ѓорче Петров. Според бившиот премиер, во Македонија годинава ќе започне изградба на пет експресни патишта: Штип – Радовиш, Штип – Кочани, Ранковце – Крива Паланка, Прилеп – Градско и Охрид – Пештани. „Три од нив се во фаза на тендерска постапка, објавен е тендерот, се бара изведувач. Сите заинтересирани изведувачи ќе поднесат свои понуди, за некој месец тој процес ќе заврши и ќе се избере изведувач и ќе почне градбата. Во таква фаза се патот Штип – Кочани, Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка“ рече Никола Груевски.

 

 

 

Најдалеку во реализацијата е експресниот пат Прилеп – Градско, каде што тендерот е завршен и наскоро ќе почнат градежните работи. За патот Охрид – Пештани постојат проблеми поврзани со разни барања и услови во однос на животната средина. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека по нивното разрешување ќе следува распишувањето на тендерска постапка и изградбата на овој експресен пат. Сите ветени пет патишта низ земјава е предвидено да се градат со странско задолжување на нашата земја, и тоа преку подигнати кредити од Европската банка за обнова и развој и од Светската банка.