Претходна статија
20 милиони денари за субвенции за набавка на инвертер клима уреди во Скопје
Следна статија
В петок се отвора изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба

ВМРО-ДПМНЕ: Има ли власта финансиски и урбанистички план за новиот Клинички центар?

Објавено на 07.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ денеска упати жестока критика на актуелната влада по донесувањето на одлуката новиот Универзитетски клинички центар – Скопје да се гради на локацијата Веле Поле во општина Ѓорче Петров. Тие обвинуваат дека идниот здравствен комплекс на новото место ќе чини четири пати поскапо отколку што требаше да чини изградбата на новиот Клинички центар на постојната локација во подножјето на Водно. Портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска ја праша власта дали има изработено финансиски план за идниот здравствен комплекс, како и урбанистички план за посочената локација.

 

 

„Дали се направени геомеханички испитувања на теренот каде што наводно ќе се гради Клиничкиот, за што треба најмалку 6 месеци? Има ли идеен, па основен, па ревидиран проект за градбата, има ли затоа кој ќе го прави проектот, бидејќи само за изработка на ваков проект потребна е околу година и пол. Повторно, знаат ли дека за ова се потребни тендерски постапки“, праша портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Стоилковски. Тој ја обвини македонската влада дека лаже и купува време, барајќи одговор од нив и за тоа колку време ќе им биде потребно за преговори со финансиските институции од каде што ќе се подигне кредитот од близу 500 милиони евра.

 

Од владејачката СДСМ одговорија дека сегашната опозиција имала 11 години за да го изгради новиот Клинички центар – Скопје, но тоа не го направиле. Тие велат дека посочените 140 милиони евра од ВМРО – ДПМНЕ не ја опфаќале изградбата на сите клиники на постојната локација, но и дека не било предвидено целокупниот комплекс да биде сместен во еден објект.

 

„Досегашниот проект за изградба на Клинички центар на постојната локација не е најдобрата опција за натамошно функционирање бидејќи невозможно е да се постигне добро сообраќајно и паркинг решение, а многу брзо ќе се јави потреба за нови, дополнителни инвестиции за санација на останатите дотраени згради во комплексот. Со тоа, новиот проект за изградба на нов Клинички центар, на долг рок е поевтин и поефикасен“, велат од СДСМ.