Претходна статија
ВМРО-ДПМНЕ: Има ли власта финансиски и урбанистички план за новиот Клинички центар?
Следна статија
Улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало со нови велосипедски и пешачки патеки

В петок се отвора изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба

Објавено на 07.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во петок, 8 февруари, ќе биде отворена изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“. Станува збор за сегмент од научноистражувачки проект што е насочен кон препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на Модерната на територијата на Македонија. Основната цел на спроведеното истражување е да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии, насочени кон испитување на потенцијалот на градбите за приспособување и промена, како и изнаоѓање нови содржини и облици преку кои постојните градби би биле заштитени и ревитализирани.

 

Автори на спроведеното истражување и изложбата се универзитетските професори Ана Ивановска – Дескова, Горан Мицковски, Елизабета Касапова и Јован Ивановски. Нивното очекување е дека претстојната изложба ќе отвори поширока јавна дискусија и интерпретација на добиените резултати, која што би била појдовна точка за разговор во врска со можните иднини на неколку вредни архитектонски градби во Скопје. Станува збор за железничките депоа на Македонски железници – Инфраструктура, Фабриката за производство на картон и картонска амбалажа „Комуна“, Шалтер салата на Телекомуникацискиот центар, Домот на културата „Гоце Делчев“ и Мултимедијалниот центар „Мала Станица“.

 

Покрај истражувачката перспектива, овој проект што резултира со претстојната изложба има и своја проектантска перспектива. Во рамките на наставата на Архитектонскиот факултет при УКИМ, на предметите Ревитализација на градителското наследство и Интегративното студио – Адаптивна (ре)употреба на градби, пет архитектонски зданија во својство на избрани студии на случај беа зададени како проектантски проблем, од кои произлегоа решенија што ќе можат да се погледнат на поставената изложба.

 

Научноистражувачкиот проект „Загрозен модернизам“ е финансиран од средствата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2017/2018 година, а изложбата е поддржана и од Младинскиот културен центар во Скопје.