Изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Свети Наум, замислениот скијачки центар на Галичица и трите туристичко – развојни зони „Љубаништа“, „Отешево“ и „Стење“ ќе зафатат 1.196 хектари од територијата на Националниот парк „Галичица“, од кои дури 367 хектари претставуваат зона за активно управување, додека преку 5 хектари од земјиштето на кои ќе се простираат овие проекти претставуваат заштитен појас. Овие податоци ги разгневија екологистите и невладините организации, кои реагираа за време на вчерашната презентација на Нацрт извештајот за стратегиска оценка за влијание на животната средина на Предлог измените на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“.
Бројните критички мислења изнесени на вчерашното претставување на стратешкиот документ, се надополнети и со негативните мислења изнесени во изработениот документ. „Од анализата на влијанијата со помош на стандардна матрица може да се заклучи дека најголем дел од влијанијата врз животната средина се со поголем обем и неповолни, што е логично доколку во предвид се земе големината на предметниот опфат и предвидените содржини“, се вели во изготвената стратешка оценка за влијанието врз животната средина. Експертите од Градежниот институт „Македонија“ во нацрт – документот велат дека предложените измени можат да го доведат под знак прашање и статусот на Националниот парк „Галичица“, но и веќе признаеното Светско природно и културно наследство на охридскиот регион од страна на УНЕСКО.
Градителските проекти предложени од македонската влада, се наведува во изготвениот документ, можат да влијаат врз губењето на еколошкиот интегритет на екосистемско ниво и карактеристиките на пределот. За да се спречат негативните ефекти од идните туристичко – развојни зони, скијачкиот центар и експресниот пат, експертите посочуваат на избегнување на негативните влијанија од овие градителски проекти. Тие предлагаат да се изградат варијантни решенија или пак да се побараат алтернативни рути кои не минуваат низ добрата, но и да се изберат најекономичните решенија.
Измената на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“ за период 2011-2020 година доаѓа по барање на македонската влада. Со предлозите се бара речиси 400 хектари од Националниот парк „Галичица“ да се пренаменат во зона на одржливо користење, наместо постоечката зона на активно управување. Со овој потег, би се овозможила изведба на замислените објекти од градителските проекти. Најпроблематичен од нив е скијачкиот центар, кој треба да одземе дури 260 хектари од зоната за активно управување на планината Галичица.
Забелешките од вчерашната јавна расправа, заедно со изготвениот Извештај за стратегиската оценка за влијание на животната средина и Предлог измените на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“ ќе бидат доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое треба да одлучи што ќе се случува со планираните градителски проекти. Во меѓувреме, од меѓународната еколошка организација „Бенквоч“ веќе жестоко реагираа околу изградбата на експресниот пат Охрид – Свети Наум. За овој инфраструктурен објект веќе е доделен кредит од Европската банка за обнова и развој, кој се оспорува од нивна страна.
Бојан Блажевски