Претходна статија
Граѓаните ќе може да користат бесплатни проекти за типски куќи
Следна статија
Распишан тендер за изградба на конаците на манастирот Трескавец

Владината палата АСНОМ ќе се накити со ЛЕД екран

Објавено на 17.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата најде финансиски средства за инсталирање на ЛЕД екран за надворешна употреба на палатата АСНОМ, објект кој на скопјани им е познат како поранешно седиште на Комерцијална банка. Проценката на владините служби е дека за оваа намена од државниот буџет ќе се одвојат финансиски средства во износ од 37.800.000 денари, односно 615.000 евра. Денеска е објавен огласот за избор на најповолен понудувач, а на компаниите им е оставена можноста да ги достават своите понуди најдоцна до 11 јануари 2016 година. Оваа т.н. палата, лоцирана веднаш до новиот Уставен суд, во иднина ќе претставува административен објект на извршната власт.

 

 

 

Во внатрешноста на објектот во моментов се одвиваат реконструктивни работи. Македонската влада за првата фаза од адаптацијата и ентериерното уредување на просториите потроши 20.207.830 денари, или над 320.000 евра. За потребите на владините административци во изминативе месеци се уредуваше кујната и ресторанот од овој објект. Идната административна зграда засега не ја променила својата надворешност во т.н. „барокен“ архитектонски стил од проектот „Скопје 2014“.

 

Македонската влада го купи поранешното седиште на Комерцијална банка во пакет со уште две згради кон крајот на декември 2012 година. За овие административни простории од 22.525 метри квадратни од државниот буџет беа исплатени 21.736.625 евра, без даноци и други давачки.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk