Претходна статија
Со заем од Светска банка се реконструира патот Битола - Ресен
Следна статија
Што треба да знаете кога купувате нов стан?

Владата присвоила 15.136 m² земјиште од Општина Центар

Објавено на 22.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Масовно се шират „градбите од посебен интерес“ во центарот на Скопје. Од Општина Центар денеска соопштија дека станува алармантна ситуацијата со узурпацијата на градежното земјиште од страна на владата. Извршната власт досега присвоила 15.136 метри квадратни земјиште, а најнов случај е парцелата на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“), каде под превезеот на „градба од посебен интерес“ на 21 јули годинава владата донела одлука за узурпирање на земјиштето, на кое е зацртано да се гради станбен објект.

 

 

 

„Како и во претходните случаи, потписник на одлуката е лично вицепремиерот Ставревски. На идентичен начин како во случајот со земјиштето во Градски парк и кај ПУИГ, владата наместо објекти од посебен интерес на граѓаните, планира градби од посебен интерес за бизнисите на градежната мафија“, се наведува во соопштението на Општина Центар. Тие бараат одговори директно од премиерот Никола Груевски, а не од Министерството за транспорт и врски. Од локалната самоуправа прашуваат кој е посебниот интерес на овие згради, чиј е посебниот интерес, која е висината на објектите и дали станува збор за облакодери.

 

 

 

На денешните тврдења од Општина Центар се јавија со реакција од Министерството за транспорт и врски. Од министерството тврдат дека не се присвојува земјиштето на територијата на оваа скопска општина, оценувајќи ги како групи лаги и шпекулации изјавите и соопштенијата на Општина Центар и на градоначалникот Андреј Жерновски. „Го покануваме градоначалникот на општина Центар, со неговиот кабинет, да ги посети посочените локации и во присуство на медиумите да докаже дека истите се присвоени или узурпирани од страна на Владата на Република Македонија или Министерството за транспорт и врски“, се наведува во реакцијата на ова министерство.