Претходна статија
До крајот на февруари нов Предлог - Закон за градење
Следна статија
Изложбата „Скопје - градот на солидарноста“ во јули ќе се отвори во Краков

Владата предлага нови поволности со проектот „Купи куќа, купи стан“

Објавено на 31.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Нови модели за субвенционирање, намалени каматни стапки за граѓаните и прецизирани услови за користење се најновите измени што ги предлага Министерството за финансии во проектот „Купи куќа, купи стан“. Министерот Драган Тевдовски денеска ги претстави предвидени измени во Законот за субвенционирање на станбен кредит, со кои значително се зголемуваат поволностите за оние граѓани што ќе се одлучат за подигање државни субвенции при купувањето нов дом. Со првата опција „Рата“, граѓаните би добиле каматни стапки од 2,9% за првите три години од враќањето на кредитот, додека оваа стапка ќе се зголеми на 3,9% во четвртата и петтата година.

 

 

Измените кај моделот „Учество“ предвидуваат намалување на досегашните стапки од 4,5% на 4% за целото време на отплата на станбениот кредит. Во делот на понудата на станбени кредити за млади до 35 години, се зголемуваат субвенциите на 70% од месечната рата за станбениот кредит со опцијата „Рата“. На тој начин, корисникот при земање на станбен кредит од 50.000 евра би добил државни субвенции од околу 12.000 евра. Кај опцијата „Учество“, субвенцијата за идентичната вредност на кредитот се зголемува на 8.750 евра.

 

Воедно, од Министерството за финансии предлагаат со измените на постојниот закон да се овозможи корисниците на кредит што ќе го зголемат семејството преку родено или посвоено дете да добијат дополнителна субвенција. Имено, во рок од 10 години од добивањето на кредитот би се доделил едногодишен надоместок во висина од 30% на ратата. Идентичните два модела за субвенционирање на станбените кредити се предвидени и за граѓаните над 35 години, со тоа што за овие возрасни групи на граѓани се нудат уште поповолни услови.

 

Со предложените измени на законот, од надлежното министерство ја овозможуваат опцијата за предвремена отплата на преостанатата главнина по истекот на субвенционирањето. Воедно, во иднина ќе се одобруваат државни субвенции единствено за оние баратели што планираат да купат куќа или стан со површина до 150 метри квадратни. Од друга страна, барателот на државна поддршка за станбен кредит ќе може да располага со друг недвижен имот, како што се: земјишта, пасишта, деловна зграда или деловни простории.

 

Двата модели за субвенционирање од проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе останат идентични на минатото. Тоа би значело дека кредитобарателите ќе треба да се одлучат дали државата би субвенционирала дел од месечната рата од станбениот кредит за првите пет години, или, пак, државата би ја доделила субвенцијата преку исплата на дел од учеството во кредитот за купувањето на стан или изградба на куќа.