Претходна статија
До крајот на годинава ќе почне реконструкцијата на магистралниот пат Крива Паланка - Деве Баир
Следна статија
Нова најава за реконструција и заживување на Офицерскиот дом во Велес

Владата по постојната траса ќе ја продолжи изградбата на гасоводот кон Гостивар

Објавено на 29.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска најави дека ќе продолжи изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар по постојната траса што минува низ Парк – шумата Водно. Тој им вети на граѓанските активисти дека уништувањето на зеленилото и шумата на планината ќе биде минимално, но и дека лично ќе настојува за секое исечено дрво на трасата да се засадат 10 нови. Со ваквата владина позиција, пропаѓа можноста за промена на постојната траса на магистралниот гасовод, од која дури 11 километри минуваат низ планината Водно.

 

Владата не може да се откаже од постојната траса на која се гради гасоводот, бидејќи ваквата одлука ќе значи одложување на гасификацијата на Полошкиот регион за три до пет години. Воедно, при било каква алтернативна рута на гасоводот, неопходно ќе биде да се уништи дел од некоја природна убавина. Според вицепремиерот Анѓушев, важно е инвеститорот во проектот да насади зеленило со што ќе ја надомести штетата од она што ќе биде уништено. „Владата ќе биде многу ригорозна преку своите механизми во санирање на таквата состојба“ изјави вицепремиерот Анѓушев.

 

Реакцијата на македонската влада следува еден ден по отвореното писмо на осум граѓански иницијативи коишто најавуваат преземање на мерки против изградбата на магистралниот гасовод на Водно. Доколку не се избере алтернативна траса, активистите се заканија дека ќе ги употребат сите расположливи средства за реакција. Магистралниот гасовод со должина од 76 километри започна да се гради пред две години, но жестоките реакции од јавноста дојдоа изминатава пролет. Имено, градежните екипи почнаа да го расчистуваат теренот за поставување на гасоводните цевки на Водно, што предизвика незадоволство меѓу граѓаните.

 

Гасоводот вреден околу 28 милиони евра треба да обезбеди снабдување со природен гас за домаќинствата и фабриките од Тетово и Гостивар, но е и почетна точка за гасификацијата на останатите градови од западниот дел на земјава. Првичен рок за изведба на магистралниот гасовод беше почетокот на 2018 година.